
Најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија – „Макфест“ се одржува во Штип. Фестивалот продуцираше над 1000 композиции, од кои најголемиот број се хитови, а сега евергрини. Своите ѕвездени мигови многу пејачи ги имале токму на овој фестивал.
„Макфест” долги години беше единствениот промотор на македонската музика надвор од државата. Во рамките на поранешна Југославија беше интернационален фестивал, со многу гостувања на познати странски музички имиња, а по осамостојувањето стана најголем домашен музички бренд. Заради добри резултати, два пати има добивано признание од ФИДОФ, а во 1997 година е прогласен и за фестивал на годината. Макфестовската сцена продолжува да лансира нови музички ѕвезди секоја година.