ОПШТИНА ШТИП ВО СВОЈСТВО НА ОРГАНИЗАТОР РАСПИШУВА:
КОНКУРС
ЗА ИЗБОР НА КОМПОЗИЦИИ ЗА 35-ТО ИЗДАНИЕ
НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЗАБАВНИ МЕЛОДИИ МАКФЕСТ 2020

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Фестивалот МАКФЕСТ 2020 ќе се одржи вo првата половина на месец октомври 2020 година во Штип. Во деновите на одржувањето на Фестивалот предвиден е директен телевизиски пренос на фестивалски вечери. Општина Штип во својство на организатор и покровител, на крајот на натпреварувачката вечер ќе се додели седум парични награди, односно:

– 1-ва награда во износ од 5.000 евра, во денарска противредност која ќе биде доделена според вкупниот број на освоени гласови;
– 2-ра награда во износ од 3.000 евра, во денарска противредност која ќе биде доделена според вкупниот број на освоени гласови;
– 3-та награда во износ од 1.000 евра, во денарска противредност која ќе биде доделена според вкупниот број на освоени гласови;
– Награда за најдобра вокална изведба во износ од 500 евра во денарска противредност која ќе му се додели на најдобриот изведувач согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;
– Награда “ДРАГАН ЃАКОНОВСКИ – ШПАТО” за најдобар аранжман во износ од 500 евра во денарска противредност која ќе му се додели на најдобриот аранжер согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;
– Награда за најдобар дебитант во износ од 500 евра во денарска противредност која ќе му биде доделена на најдобриот интерпретатор согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;
– Награда за најдобар сценски настап во износ од 500 евра во денарска противредност која ќе му биде доделена на најдобриот интерпретатор согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;

УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ
– На Конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи кои ги поседуваат потребните квалификации и кои сакаат да се истакнат со својот квалитет, способност и креативност.
– Еден изведувач или музичка група може да учествува на Фестивалот најмногу со една композиција.
– Еден автор на музика или текст може да учествува на Фестивалот најмногу со две авторски дела.
– Еден автор на аранжман може да учествува на Фестивалот најмногу со три авторски аранжмани.
– Материјалите на Конкурсот задолжително треба да се пратат под шифра.
– Организаторот нема обврска да им ги врати материјалите на авторите и изведувачите од композициите кои нема да бидат прифатени на Конкурсот.
– Учесниците на Конкурсот на кои ќе им бидат избрани композициите ќе бидат информирани за исходот најдоцна до 20. Март 2020. Организаторот презема обврска најдоцна до наведениот датум да го истакне списокот со имињата на сите примени композиции на интернет страната makfest.mk. Организаторот нема обрска поединечно да ги информира оние автори чии композиции нема да бидат примени на Конкурсот.
– Организаторот го задржува правото заради несоодветни и недоволно квалитетни предлози пристигнати на Конкурсот, да нарача композиции од домашни или странски автори.
– Организаторот со авторите и изведувачите чии дела ќе бидат избрани на Конкурсот, ќе склучи договор и ќе им исплати надомест во износ нето 43.000 денари. Со склучување на договорот, авторите и изведувачите имаат обврска на организаторот да му ги пренесат правата за прво јавно изведување, за радиодифузно емитување, за тонско и видео снимање, умножување и продажба на носачи на слика и звук, објавување на тонските и видео записите на интернт и друго, како и право организаторот некои од овие права да ги пренесува на трети лица.
– Организаторот ќе стане сопственик на фонограмот што ќе биде снимен.
– Постпродукцијата на сите примени композиции ја реализира организаторот.
– Изборот на композициите што ќе бидат премиерно изведени на Фестивалот на забавни мелодии Макфест Штип – 2020 ќе биде направен од страна на Селекциона комисија.

УСЛОВИ ЗА ИЗГОТВУВАЊЕ КОМПОЗИЦИЈА
Авторите се должни да достават оригинални композиции со испишана мелодиска линија и хармонски симболи во духот на македонскиот евергрин – шлагер, во духот на новосоздадената забавна македонска песна. Композицијата треба да биде оригинална и досега неизведувана.Композициите доставени на Конкурсот не треба да се подолги од 3’.15”. Текстот на композицијата треба да биде на македонски јазик.
На Конкурсот нема да бидат земени на разгледување оние композиции во кои се промовира говор на омраза, расна или верска нетолеранција, во кои се кршат човековите права или се заговара употреба на недозволени средства;

УПАТСТВО ЗА ИСПРАЌАЊЕ НА МАТЕРИЈАЛИТЕ НА КОНКУРСОТ
Конкурсниот труд треба да биде доставен во затворен плик на кој од предната страна ќе биде испишан следниот текст:
ДО ОПШТИНА ШТИП
УЛ. „ВАСИЛ ГЛАВИНОВ“ 4В
2000 ШТИП, Р.С. МАКЕДОНИЈА

ЗА ФЕСТИВАЛОТ НА ЗАБАВНИ МЕЛОДИИ МАКФЕСТ 2019
– КОНКУРС
Конкурсниот труд треба да ги содржи следните материјали:
1. Композицијата треба да се достави со испишана мелодиска линија отпечатена на А4 формат;
2. Текстот за песната треба да се достави испишан со кирилско писмо и отпечатен во еден примерок на А4 формат;
3. Демо снимката од композицијата треба да биде снимена на ЦД и треба да се достави во два идентични примерока.

ВАЖНО ПРАВИЛО:
На погоре наведените материјали треба да стои само насловот на песната. На ниту еден од нив НЕ СМЕЕ да бидат наведени имињата на авторите или изведувачите. Материјалите на кои ќе биде забележано отстапување од наведеното правило, нема да бидат земени на разгледување.
4. Податоците за авторите и изведувачите задолжително треба да бидат доставени во посебен затворен плик во стандардна димензија. Ковертот од предната страна треба да има назнака: ПОДАТОЦИ ЗА АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ! Веднаш под назнаката треба да се наведат: шифрата и насловот на композицијата. Пример:

ПОДАТОЦИ ЗА АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ!
ШИФРА: МАКФЕСТ 2020
НАСЛОВ НА КОМПОЗИЦИЈАТА: ИГРА

Податоците за секој автор поединечно треба да се отпечатени на посебен лист и треба да ги содржат следните информации:
– Име и презиме на носителот на проектот (лидер);
– Вид на дело/дела кое го има изготвено авторот (музика, текст или аранжман);
– Наслов на композицијата;
– Адреса;
– Мобилен телефон;
– Емаил;
– Предлог од страна на авторот за изведувач на композицијата (конечната одлука ја донесува организаторот).

5. Секој автор / лидер на проектот е должен да достави нотарски заверен документ, во кој ќе биде содржано:
– Изјава дека композицијата е лично авторско дело кое претходно не било изведувано;
– Изјава за согласност за процентуална распределба на паричните средства од надоместот;
– Изјава за согласност за процентуална распределба на паричните средства во случај на евентуално освоена награда 1., 2. или 3. место;

Изјавите од авторите задолжително треба да бидат доставени во посебен затворен бел плик во стандардна димензија. Ковертот од предната страна треба да има назнака: ИЗЈАВИ ОД АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ! Веднаш под назнаката треба да се наведат: шифрата и насловот на композицијата. Пример:
ИЗЈАВИ ОД АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ!
ШИФРА: МАКФЕСТ 2020
НАСЛОВ НА КОМПОЗИЦИЈАТА: Љубовна

НАПОМЕНА:
Материјалите кај кои ќе бидат забележани недостатоци или неуредна достава, нема да бидат земени на разгледување.

РОК ЗА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ
Последен рок за учество на конкурсот е 10. март 2020 година. Во предвид ќе бидат земени материјалите кои ќе бидат испратени по пошта најдоцна последниот ден од Конкурсот и ќе содржат валиден поштенски жиг, како и материјалите кои најдоцна последниот ден од Конкурсот ќе бидат уредно заверени во архивата на Општина Штип до крајот на работното време.

Општина Штип
Бр.09-6662/1
18.декември 2019
МАКФЕСТ 2020
Организатор:
ОПШТИНА ШТИП